Ракометната репрезентација на Македонија има за што да жали. Имаше висока предност, но само со реми се враќа од Чешка(27-27) и на домашен терен ќе бара заверка на настап на Светското првенство (СП) кое во 2023 година ќе се игра во Шведска и Полска, за да се продолжи континуитетот на големата сцена, нешто кое трае од 2012 година.
Избраниците на Кирил Лазаров имаа седум гола позитива во еден момент од мечот, но ја прокоцкаа. Главен наш проблем беше голманот Мрква кој бранеше одлично (15 одбрани) како и лошата реализација во последните десет минути која скапо се плати и наместо лесен реванш во Скопје, ќе следи нова вистинска драма. Реваншот меѓу Македонија и Чешка се игра в недела, а оваа средба ќе биде со посебни мотиви затоа што според најавите ќе биде последна за капитенот Кирил Лазаров и Филип Миркуловски.
Натпреварот почна одлично за Македонија. Чесите констнатно грешеа, тоа не беше случај со нашиот национален тим кој грешките ги казни со погодоци на Талески, Кузмановски, Пешевски и Георгиевски и имаше предност од 1-5. Скоро десет минути Чешка на Сабате беше прочитана и даде само еден гол. Светла точка беше голманот Мрква, кој влезе во елемент и со пет одбрани во петнаесетина минути го чуваше својот национален тим од дебакл. На полувремето Македонија имаше предност од 10-13.
Стартот на вториот дел беше фуриозен за Македонија, па се дојде до највисоки седум гола позитива (10-17). Потоа константно се држеше тој плус од пет, се додека Мрква пак влезе во елемент, бранеше пенали и фаќаше зицери и Чешка дојде на три гола негатива. Но, Македонија го имаше одличниот Митревски.
Во последните десет минути реализацијата на Македонија затаи пред се поради расположениот противнички голман и во 57. минута Чешка дојде на два гола негатива (22-24), потоа беше и 23-24. Чесите по едно наше промашување го имаа последниот збор за реми и Кашпарек погоди за реми.