Србинот одлично го отвори мечот и првиот сет го доби за 40-тина минути, но потоа следуваше период во кој младиот Хрват одигра подобро и од сопствените очекувања. Призмиќ неочекувано го освои вториот сет по возбудлив тајбрејк, а потоа го намачи популарниот Ноле во третиот сет во кој прв имаше можност за брејк. Тоа се случи во шестиот гем, во кој ветеранот едвај излезе на крај со нападите на двојно помладиот противник, по што почна падот на Призмиќ. Српскиот тенисер ги освои следните осум гема во низа, што му го донесе посакуваниот триумф, а крикот што го испушти по освојувањето на третиот сет доволно говори колку му било тешко.
Следен противник на Ѓоковиќ сигурно ќе биде австралиски тенисер и тоа подобриот од пресметката помеѓу домашните претставници Попирин и Полманс.