Каспер Руд го победи американскиот тенисер Тејлор Фриц во три сета и тоа 6:3,4:6,7:6 и ги урна сите надежи на Рафаел Надал да обезбеди пласман во полуфиналето на завршниот мастерс турнир што се игра во Торино.
Надал во првото коло загуби од Фриц во два сета, а беше поразен и од Феликс Оже-Алиасим исто така во два сета со 6:3,6:4.
Единствена шанса за Надал да остане во игра за освојување на едно од првите две места во Зелената група беше Руд да не освои ниту еден сет против Фриц. Но, Норвежанецот не само што освои сет, туку на крајот славеше и го испрати Надал дома.
Во Црвената група, Ѓоковиќ и Рубљов славеа во првото коло, а утре во меѓусебен дуел ќе одлучат кој ќе биде сигурен патник во полуфиналето. Во вториот меч од оваа група се среќаваат Медведев и Циципас.