Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски направи скок од 26 позиции на најновата АТП ранг-листа.
Ивановски се проби на 305. место што е негов најдобар пласман во кариерата, за една позиција повисок од оној на 7 август годинава. Ваквиот скок се должи на учеството во осминафиналето од Челинџерот во Братислава одржан минатата недела каде успешно ги мина квалификациите, а потоа и првата пречка на турнирот, германскиот тенисер Петер Гојовчик кого го совлада со 2-0.
Нашиот тенисер ќе има можност уште повеќе да го подобри својот пласман неделава затоа што од денеска ќе учествува на Челинџерот во Хамбург. Прв противник му е Холанѓанецот Јеле Селс кој нема победа на турнирите од јуни годинава и се наоѓа во серија од 12 порази.