Македонскиот кошаркарски победник на Купот, ТФТ од Скопје ги заврши настапите во Лигата на шампионите на ФИБА. Пресилен за тафталицани беше германски Најнерс Кемниц (77-96), кој патува во полуфиналето и вкрстува со швајцарски Фрибург.
Кошаркарите и стручниот штаб на македонскиот тим беа свесни за квалитетите на противничкиот тим и уште пред средбата ја најавија аутсајдерската улога, но најавија дека нема да се предадат така лесно и дека веруваат во ново изенадување. Сепак, до тоа не дојде. Германскиот тим, воден од Ѓорѓи Кочов, на вистински начин ја покажа својата моќ, уште од самиот старт фати ритам кој беше недостижен за противникот.
Првата четвртина во Скопје мина во знакот на летното засилување на тимот од Тафталиџе, Ланклан Андерсон. Австралиецот беше видно мотивиран и расположен за надигрување, постигна 12 поени, но не ја доби потребната поддршка од соиграчите, кои постигнаа уште вкупно два поени и ТФТ на првата пауза замина со веќе висока негатива од десет поени разлика 14-24.
Избраниците на Смилковски ниту во вториот квартал не успеаја да ја подобрат својата игра и одново влегуваа од грешка во грешка во фазата на напад. Плејмејкерите Костоски и Доналдсон беа затворени, без поени од игра. На спротивната страна, пак, Кемниц продолжи во ист ритам и немилосрдно го полнеше кошот на противникот. Тоа донесе уште поубедлива предност од 18 поени на полувреме (28-46). Вториот дел така беше рутина за Кемниц. Пасторе имаше шанса да ротира, ТФТ беше повеќе конкурентен, но во ниту еден наврат во игра за победата. Најблизу што ТФТ беше до ривалот беше девет поени (69-78) на пет минути до крајот.
Андерсон со 27 и Батрик и Николов со по 11 поени беа единствените светли точки во македонскиот тим. За победникот најдобар беше Марко Филиповити со 26 поени. Полуфиналињата на Лигата на шампионите на ФИБА се играат во петок во СЦ „Борис Трајковски”. Покрај натпреварот Кемниц – Фрибург (21:00 часот) ќе играат уште турски Тофаш и романски Волунтари (18:00).