Горан Пандев откако денеска официјално објави фудбалска пензија се огласи и неговиот прв клуб во Италија, Интер.
Токму „нераѕурите“ го забележаа неговиот талент на еден турнир во Вијареџо и го доведоа од струмичка Беласица во пакет со Ацо Стојков. Играше за младинскиот тим или на италијански, „примавера“, но фудбалскиот пат го одведе во Лацио каде се докажа како врвен играч.
На инсистирање на Жозе Мурињо тој се врати на „Џузепе Меаца“ во јануари 2010 година и беше дел од тимот што ја освои познатата „триплета“, Серија А, Куп на Италија и Лига на шампиони. Пандев подоцна таа година го освои Светското клупско првенство со Интер.
„Нераѕурите“ денеска му посветија интересна објава на социјалните мрежи.
„Од Примавера до врвот на светот. Ти благодариме за се Горан Пандев“, напишаа од Интер.