Хрватската фудбалска репрезентација победи против Данска со 2:1 и го презеде врвот на табелата со што направи голем чекор кон завршниот турнир во Лигата на нации! Со головите на Соса и Мајер, Хрватска стигна до заслужена победа!

Многу добар настап на Хрватска против Данска. Многу паметен натпревар, во вториот дел Хрватска повторно се подигна, а Данска тешко ја следеше, слично како во Копенхаген и на крајот Хрватска заслужи победа од 2:1.

Се чувствуваше голем притисок врз играчите, во првото полувреме ниту Хрватска, ниту Данска не ризикуваа прекумерно, некако и двете повеќе се плашеа да не згрешат отколку да ризикуваат спрема напред.

Во првите 25 минути, Хрватска имаше две солидни закани со ударите со глава на одличните стопери Јосип Шутало и Јошко Гвардиол, но двата обиди минаа малку покрај стативата.

Данците двапати се обидоа во последните десет минути од првото полувреме, но и двата пати Доминик Ливаковиќ брилијантно реагираше. Прво одлично го одбрани обидот на Меле од непосредна близина, а потоа брилијантно го блокираше обидот на Ериксен.

Второто полувреме донесе голови, шанси и многу повеќе возбудувања. Раниот гол на Хрватска го отвори натпреварот и после тоа немаше повеќе калкулации.

Хрватска поведе во 49. минута. По корнер и комбинација на Модриќ и Ковачиќ, Лука нафрли во шеснаесетникот, топката се одби на 16 метри и на крајот стигна до Соса кој од 17 метри не многу силно, но прецизно биеше во аголот.

Десет минути подоцна нова одлична можност за Хрватска. Модриќ доби слободен удар на 17 метри, му ја остави топката на Перишиќ, кој добро шутираше по земја, но многу малку крај стативата.

Хрватска одигра многу добро, им создаде многу проблеми на Данците и се чинеше дека може да дојде до вториот гол. Во 66. минута Модриќ се обиде од работ од 16 метри, но Шмајхел одлично одбрани.

Нова голема шанса видовме во 70. минута кога Ковачиќ извонредно продре низ одбраната на Данска и шутираше од 13-14 метри, но топката не му легна добро и таа помина покрај голот.

Данците се враќаат во 77. минута. Шутало не му додаде добро на Брозовиќ, Меле ја украде топката и му ја додаде на Ериксен, кој прекрасно погоди од 22-23 метри.

Сепак, само две минути подоцна Хрватска се врати. Одлична акција Оршиќ – Петковиќ – Мајер, Мајер ја прими топката на 20 метри и погоди со одличен удар во долниот агол , минута по влегувањето во игра.

Данците се обидоа да постигнат нов гол, но тоа не успеа. Хрватска добро се бранеше и оствари заслужена победа.