Македонскиот репрезентативец, Ненад Димитријевиќ, ја одигра можеби најдобрата партија во кариерата во неодамнешната победа на неговиот УНИКС Казан против Партизан (83-77) со оглед што средбата ја заврши со 30 поени, три асистенции и две украдени топки.
Тоа беше меч за 3. место на ВТБ-купот на кој нашиот кошаркар го доби МВП признанието. Неговиот придонес на паркетот беше огромен, а поените постигнати на мајсторски начин, со шутеви, влезови, флоутери…
Димитријевиќ со ова покажа дека е во одлична форма и ќе биде огромна штета да не игра за Македонија во ноемврискиот претквалификациски циклус. Руските клубови се исфрлени од европските клупски и репрезентативни натпреварувања поради што најавија дека нема да го прекинуваат првенството кога ќе бидат репрезентативните прозорци на ФИБА.