Фудбалерите на Интер со минимален резултат (1:0) ја победија Барселона, во дербито од третото коло од групата Ц од Лигата на шампионите.
Хакан Чалханоглу во втората минута од судиското надополнување во првото полувреме постигна гол вреден за триумф на „Меаца“.
Во првиот период Баерн убедливо го совлада Плзен (5:0), а веднаш беше јасно дека двомечот меѓу италијанскиот и шпанскиот гигант може да го реши вториот патник во осминафиналето.
Интер славеше во оваа прва пресметка, по четири меѓусебни дуели во последните пет години во кои не ја вкуси сладоста на победата.
Нероаѕурите беа нешто подобар противник од Каталонците, кои најблиску до израмнување се доближија во вториот дел, кога Дембеле ја погоди стативата.
Судијата од Словенија, Славко Винчиќ, повеќе пати беше во центарот на вниманието, кога во првото полувреме го поништи голот на Интер, со консултација со ВАР, додека во судиското надополнување на вториот дел реши да не покаже најстрога казна за гостите .
Како и да е, Баерн е прв со девет бодови, Интер втор со шест, Барселона трета со три, а Викторија Плзен последна без бодови.
Првиот дел од натпреварот беше релативно изедначен, Барса имаше повеќе од топката во своите нозе, додека домашните имаа поопасни шанси.
Најдобриот обид во воведната фаза од играта го имаше Чалханоглу, кој од 30 метри испрати проектил под гредата, но Тер Штеген ја исфрли топката во корнер.
Интер потоа побара пенал од судијата Винчиќ.
Играта со рака на Гарсија беше очигледна, а тоа го потврди и ВАР. Сепак, на оваа ситуација и претходеше минималниот офсајд во кој се најде Лаутаро Мартинез.
Набрзо Интер постигна гол, но и тој беше поништен поради офсајд. Залудно Кореа трчаше од центарот, го заобиколи Тер Штеген и ја затресе мрежата.
И кога се чинеше дека на пауза ќе се замине без голови, на сцена стапи Чалханоглу, кој од нешто повеќе од 20 метри го совлада Тер Штеген.
Кореа и Мартинез се обидоа, топката стигна до Димарко, кој само ја додаде до Турчинот, кој шутираше прецизно по земја и го погоди долниот дел од голот за водство на својот тим.
На почетокот на вториот дел немаше особено добри шанси, само се зголемија проблемите на гостите по повредата на Кристенсен.
Тој им се придружи на Кунде и Араухо на списокот на повредени и му отстапи место на Пике, чиј влез беше проследен со канонада од свирежи.
Набрзо Барса ја имаше најдобрата шанса преку Усман Дембеле, кој ја прими топката во шеснаесетникот на Интер, шутираше силно од левата страна во блискиот агол, но неговиот обид „остана“ на стативата.
Барселона постигна гол во 67. минута, но по интервенција на ВАР беше поништен. Мрежата на Онана по центаршутот на Дембеле ја затресе Педри, но пред да стигне до него топката удри во раката на Фати.
Гостите се обидуваа да дојдат барем до бод, на крајот Бускетс имаше шанса со глава по центаршут, но обидот заврши далеку од голот.
Натпреварот беше продолжен за осум минути, а при една ситуација се гледаше и игра со рака на Дамфрис на ВАР, но немаше пенал. Сигурно многу ќе се зборува за оваа одлука…
После тоа Дембеле упати остар центаршут, топката го прелета целиот шеснаесетник на Интер, па немаше промена на резултатот, а двата тима повторно ќе се сретнат следната недела, на Камп Ноу.