Пари Сен Жермен ремизираше 1-1 со Бенфика, па двата клуба му избегаа на Јувентус на плус пет пред последните две кола. Килијан Мбапе даде гол од пенал во првиот, а Жоао Марио израмни од пенал во вториот дел, па во финишот поради офсајд на Мбапе му беше поништен гол за победа.
Челси го победи Милан и вторпат за седум дена, вечерва со 2-0 во Милано за да избие на првото место на табелата во групата, во мечот кој го упропасти судијата Сиберт после само 18 минути игра, откако го исклучи Фикајо Томори за обичен старт и влечење во ситуација кога покажа пенал.
Жоржињо го реализираше пеналот во 21-та минута, а Пјер Емерик Обемејанг го дуплираше водството во 34-та минута и уште на третина од мечот беше јасен победникот, па само формалност беше остатокот од пресметката на „Сан Сиро“, кога бројчано немоќниот Милан колку и да се обидуваше, не успеа да стигне барем да го направи понеизвесен мечот.
Динамо Загреб во истата група ремизираше вторпат со Ред Бул Салцбург, 1-1, во мечот на кој Аријан Адеми играше до 67-та, а Стефан Ристовски до 79-та минута од мечот и „модрите“ сега се последни со четири бода колку што има и Милан, а Челси со седум е прв пред австрискиот првак со шест бода на две кола до крајот. Сајвалд донесе водство за Салцбург во 12-та, а израмни Роберт Љубичиќ во 40-та минута.
Борусија Дортмунд ремизираше 1-1 со Севилја и дојде на чекор да го завери осминафиналето, а истовремено на Манчестер сити му го верификуваше пласманот.