Италијанскиот великан Јувентус, го очекува голем ремонт во текот на летото, затоа што Масимилијано Алегри сака да состави тим за респект во следната сезона и да го нападне „скудетото“. Ова е втора година по ред во која Јуве останува без шампионскиот пехар.

Во моментов познато е дека најголемата ѕвезда Паоло Дибала го напушта клубот по седум години, но Аргентинецот во никој случај нема да биде единствениот што од лето нема да го носи дресот на „старата дама“.

Според медиуми блиски до клубот, покрај Дибала, во конкуренција за заминување се уште четворица важни играчи, а најголемата болка е во средниот ред.

Со доаѓањето на Мануел Локатели и на Денис Закарија, иднината на Артур Мело и Адриен Рабио во Јувентус е комплетно неизвесна и се очекува тие да го напуштат клубот на лето.

Се споменува заминувањето и на Федерико Бернардески, кој е во преговори со клубот за нов договор, но барањата на италијанскиот репрезентативец се поголеми од тоа што го нуди на теренот. Кога станува збор за бековската линија, јасно е дека следната сезона нема да има место и за Алекс Сандро, која е многу долго во Јувентус и делува многу поистрошено отколку што беше случај во претходните сезони.