Откако Реал Мадрид и Манчестер сити веќе го заверија осминафиналето во ЛШ после само четири кола во Лигата на шампионите, четири други клубови денеска може да им се придружат на две рунди до крајот на групната фаза, а главната вечерашна битка ќе биде на „Камп Ноу“, каде Барселона го чека Интер во мечот кој за Каталонците е – клучен.
Наполи со Елиф Елмас после спектакуларните три победи го чекаат Ајакс и сѐ освен пораз на „Диего Марадона“ ќе значи заверка на пласманот во осминафиналето, а во таква ситуација се наоѓа и сензацијата досега, Бриж кој нема примено гол и му гостува на Атлетико Мадрид на „Сиудад Метрополитано“, во мечот кој за екс-шпанскиот првак е исклучително важен за прв исчекор кон пролетните елиминации.
Наполи е голем фаворит, особено после 6-1 во Амстердам, а ослабениот Ајакс без српската ѕвезда и капитен Душан Тадиќ кој беше исклучен пред една недела откако го удри Елмас е дополнителен адут наполитанците денеска да слават пролетни елиминации. Бриж има многу потешка задача да остане непоразен против Атлетико, кој барем засега игра топло-ладно, но во мечот е голем фаворит. Дури и Белгијците да загубат остануваат многу близу до заверка на осминафиналето во следните два меча.
Од дербито Барселона – Интер зависи вечерва дали ќе има уште два осминафиналисти. После победата на Интер со 1-0, притисокот за опстанок во битката за осминафинале сега е врз Барселона, која ќе мора да победи, а од оваа пресметка зависи и пласманот на Баварците, кои со 9 бода се многу близу до официјализација на пролетните елиминации.
На Баерн му треба победа во Чешка кај Викторија Плзен, што е полесната задача, но и да не победи Барселона за да го официјализира тоа осминафинале. Победи ли Интер вечерва, заедно со Баерн, „нераѕурите“ исто така ќе го заверат осминафиналето, па затоа Барселона ќе мора да поправи сѐ од првиот дуел и да се избори во завршните две кола да стигне до следната рунда.
Оштетени беа Каталонците на „Џузепе Меаца“, но мало фајде им е тоа сега, па Левандовски и останатите ќе мора одлучно да тргнат по трите бода, па и по поубедлива победа со која би добиле превласт во меѓусебниот скор и потоа пресметките со Баерн на двата клуба практично ќе решаваат кој ќе оди во осминафиналето, зашто тешко за верување е дека Плзен некој од овие два екс-европски прваци ќе може да изненади.
Тотнем ќе се обиде да го победи Ајнтрахт за прв чекор кон пролетни елиминации, а Спортинг ќе бара одмазда против Марсеј за убедливиот пораз во многу израмнетата група Д, во која како и да завршат денешните мечеви, ништо нема да биде решено околу првите две места во групата.
ГРУПА А
Наполи – Ајакс (18.45 ч.), Глазгов Ренџерс – Ливерпул (21 ч.)
ТАБЕЛА: Наполи 9, Ливерпул 6, Ајакс 3, Г. Ренџерс 0
ГРУПА Б
Атлетико Мадрид – Бриж (18.45 ч.), Баер Леверкузен – Порто (21 ч.)
ТАБЕЛА: Бриж 9, Баер Л. 3, Порто 3, Атл.Мадрид 3
ГРУПА Ц
Барселона – Интер (21 ч.), Плзен – Баерн Минхен (21 ч.)
ТАБЕЛА: Баерн М. 9, Интер 6, Барселона 3, Плзен 0
ГРУПА Д
Тотнем – Ајнтрахт Франкфурт (21 ч.), Спортинг Л. – Марсеј (21 ч.)
ТАБЕЛА: Спортинг Л. 6, Тотенхем 4, А. Франкфурт 4, Марсеј 3