Македонија која играше бараж за пласман на СП 2022 во Катар лани во март, го дозна патот кон идното прво проширено СП во 2026 година во САД, Канада и Мексико во 2026 година, откако УЕФА на Извршниот комитет го објави форматот што ќе го препорача до ФИФА за својот дел од квалификациите.
Европа за првото проширено СП со 48 селекции доби само три дополнителни места од вкупно 16-те, па наместо досегашните 13 европски селекции ќе играат 16 и пласманот на новиот шампионат нема премногу да се разликува од претходниот барем кога е во прашање кој обезбедува пласман.
Сите првопласирани ќе добијат директна виза, додека второпласираните како и за изминатиот Мундијал ќе одат во плејоф фаза во која преку полуфинале и финале во март 2026 година ќе се борат за дополнителните места.
Новитет е тоа што ќе има повеќе групи со помалку екипи, па наместо досегашните десет групи, сега ќе има 12 групи со по четири или пет селекции. Низ квалификацискиот циклус од март до ноември 2025 година, 12-те првопласирани селекции ќе се пласираат на СП.
Останатите 12 втори селекции, како и четирите најдобри екипи од следната Лига на нации (оние што нема да бидат први или втори во групата) според ранкингот во Лигата на нации ќе одат во баражот. Ќе има четири „фајнлфора“ каде по четири селекции низ полуфинале и финале ќе ги дадат четирите дополнителни европски претставници.
Македонија во последниот мундијалски циклус заврши како втора зад Германија, а потоа во плејофот ја победи Италија, но загуби од Португалија во битката за место на најголемиот фудбалски фестивал.