Вечерва се играат дел од натпреварите во петто коло од групна фаза во Лига на шампиони (ЛШ), а македонските репрезентативци Адеми и Ристовски ќе се обидат да изборат позитивен резултат против италијанскиот шампион Милан, додека Челзи оди на незгодно гостување кај Салцбург и мора да победи ако сака загарантирано место во нокаут-фазата.
Иако звучи неверојатно, сепак на Динамо му треба победа во Загреб против Милан, а дека има квалитет за такво нешто покажа и против Челзи во првото коло во септември кога славеше со 1-0, па ако се случи тоа, тогаш Адеми и Ристовски ќе бидат на чекор до европска пролет, но сепак и „сините“ ќе мора да слават во Салцбург.
Доколку Адеми и Ристовски со Динамо одиграат реми против Милан во денешниот меч, тогаш ќе мора и во последното коло да освојат барем бод против Челзи, но под услов Милан да загуби од Салцбург со што хрватскиот гигант би ја обезбедил третата позиција во групата Е.
Постои и трета комбинација за хрватскиот шампион, но тоа би било сензација затоа што ако загуби од Милан вечерва, тогаш ќе мора да се надева на победа во Лондон против Челзи. Исто така, премиерлигашот мора и денеска да слави против Салцбург, а „росонерите“ да слават во последниот дуел од групната фаза против австрискиот тим.
Доколку се случат резултатите од првата комбинација, тогаш Динамо Загреб може да се надева на европска пролет.
„Вакви натпревари сонуваат сите деца во светот, како да кажам дека сум изморен? Полн стадион, меч против Милан, тоа ќе биде натпревар за уживање. Во натпревари како овој со Милан секогаш влегувате мотивирани, ако треба ќе играме и со една нога и ќе одиме на победа“, вели Ристовски.
Ристовски претходно најави дека и на една нога ќе се борат за сензација против Милан на натпреварот кој се игра од 21 часот, додека средбата меѓу Салцбург и Челси е закажана за 18.45 часот.