Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња и седумкратен освојувач на „Златната топка“, Лионел Меси, неодамна најави дека Светското првенство во Катар ќе биде последно во неговата кариера, но селекторот на Аргентина, неговиот истоименик Скалони, се надева дека капитенот ќе се предомисли.
Меси има 35 години, досега во кариерата учествуваше на четири Светски првенства и беше прогласен за најдобар играч во Бразил во 2014 година кога стигна до финалето со Аргентина, но на патот на „божицата“ се најдоа Германците.
Ѕвездата на Пари Сен Жермен ќе има 39 години во 2026 година, кога е закажано следното Светско првенство, а Лионел Скалони смета дека Меси би можел да ја води својата репрезентација и во Северна Америка.
„Можеби ова е неговото последно Светско првенство, но се надеваме дека не е. Тој е среќен на теренот и ги прави луѓето среќни. Ако се грижиме за него, постои можност да игра уште повеќе натпревари, бидејќи светот на фудбалот го бара тоа“, изјави Скалони.
Единствено што недостасува во кариерата на Меси е титулата планетарен шампион, а патот до неа во Катар ќе започне од групата Ц, каде Аргентина за противници ќе ги има Полска, Мексико и Саудиска Арабија.