Лука Дончиќ не успеа да направи чудо за да го урне неверојатниот рекорд на Вилт Чембрлен од пред 60 години за најмногу средби со најмалку 30 поени, откако ноќеска не беше вистинскиот и во поразот на Далас маверикс кај Орландо меџик (87-94) реализира „само“ 24 поени.
Мора да се напомене дека Словенецот имаше очаен шут, односно буквално го „скрши обрачот“ на Флорида, со оглед што промаши дури 20 удари кон противничкиот кош (9/29). Најлошо му одеше во обидите за тројка (2/11), а крај своето име додаде по шест скока и асистенции.
Тој досега имаше девет средби по ред во кои ја надминуваше магичната граница, а пред гостувањето кај „магичните“ имаше просек од 36 поени. Орландо во моментов е најлош тим во лигата, згора на тоа играше без првиот пик на годинешниот драфт Паоло Банчер, но и покрај тоа ја казни ужасната шутерска вечер на целиот тим на Далас (32/85), како и инфериорноста во скок-играта (29-49). Меџик беше предводен од Вагнер со 22 коша и шест асистенции, додека Динвиди постигна 29 поени за поразениот Далас.
РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Портланд 95-115, Индијана – Денвер 119-122, Атланта – Јута 119-125, Орландо – Далас 94-87, Бостон – Детроит 128-112, Бруклин – Њујорк 112-85, Торонто – Хјустон 116-109, Чикаго – Њу Орлеанс 111-115, Минесота – Феникс 117-129, Оклахома – Милвоки 132-136 (п), Сан Антонио – Мемфис 122-124, ЛА Клиперс – ЛА Лејкерс 114-101, Сакраменто – Кливленд 127-120.