Англискиот премиерлигаш уште сега го договори трансферот на еден од најдобрите и најбараните фудбалери, Кристофер Нкунку.
Французинот игра фантастично во дресот на Ред Бул Лајпциг, а веќе одигра и осум натпревари за француската репрезентација и ќе настапи на Светското првенство во Катар.
Челзи веќе го капариса Нкунку, кој уште во септември ги помина лекарските прегледи во Лондон, ги договори личните услови и наскоро ќе му се приклучи на премиерлигашот.
Единствената дилема е дали Нкунку ќе се пресели на „Стемфорд бриџ“ во зимскиот преоден рок или тоа ќе се случи на крајот од сезоната. На Челзи очајно му е потребен уште еден напаѓач со кој ќе го реши проблемот со реализацијата и изборот паднал на Нкунку, кој на 108 натпревари за Лајпциг во сите натпреварувања постигна 43 гола.
Италијанскиот новинар, кој е експерт за трансфери, Фабрицио Романо, тврди дека сите страни постигнале договор. Лајпциг и Челзи околу износот на отштетата, а потоа и клубот со фудбалерот за платата.
Откупната клаузула за Нкунку изнесува 60 милиони евра.