Германија стигна во Скопје без бодови по првата фаза во Подгорица, па денеска ја прегази Холандија со 36-28 и ги освои првите бодови за да ги задржи шансите дека може да дојде до полуфинале на Европското првенство.
Холандија која ја победи Македонија во првата фаза од групите, тргна подобро имаше и плус три до средина од првиот дел (8-5) по што застанаа. Германките стигнаа до 10-10, а до полувремето веќе и до плус четири (17-13) за да ја најават победата. После постојаната нишалка од три до пет гола разлика во обидите Холанѓанките да се приближат, серијата од 7-1 реши сè. Холандија имаше сè уште достижни 24-27, кога им се случи потоп, па Германија ги сомле во серијата за плус девет до 34-25.
Гријселс со осум гола беше најефикасна кај Германија, седум даде Штокшладер, а пет Ширмер, додека кај Холандија, Малестејн погоди осумпати, а уште три ракометарки дадоа по пет гола – Ван дер Хејиден, Ван дер Вилет и Ван Ветеринг.
Франција и Црна Гора имаат по четири бода кои ги пренесоа од првата фаза, Германија сега е трета со два, колку што има и Холендија и Шпанија, која вечерва од 20.30 часот во СЦ „Борис Трајковски“ игра против последната Романија која нема бод од првата фаза.