Лидерот Струга Трим Лум се разбуди кога беше најпотребно и ја совлада Шкендија со 1-0 во дербито на 15.коло во Првата фудбалска лига. Стрелец на победничкиот погодок беше Христијан Малески во 40.минута, откако искористи невнимание во гостинската одбрана, ја украде топката, излезе сам пред Захов и го совлада. Во продолжението, Шкендија имаше шанси да израмни преку Влатко Стојановски, но не успea.


Шкупи беше домаќин во Кичево, но немаше проблеми да го совлада Скопје со 3-1 и да избие на втората позиција на табелата.

Марио Настевски во третата минута го изненади Шкупи за водство на гостите, но Реналдо Цефас израмни во 19.минута, а три минути подоцна Гаги Маргбелашвили се погрижи за пресврт. Потоа Шкупи постигна и трет гол и го реши мечот.

Тиквеш го победи Работнички со 3-0. Иван Ивановски во 26.минута го отвори резултатот, Даниел Миловановиќ во 57.минута зголеми на 2-0, а пет минути подоцна погоди и Николај Христов за убедлив триумф на кавадарчани.

Академија Пандев конечно успеа да стигне до победа и тоа убедлива против Силекс на домашен терен со 3-0. Младите сили беа творци на успехот. Илија Донов донесе предност во 25.минута, а Димитар Трајков на почетокот на вториот дел ја удвои. До крајот „пандевци“ постигнаа и трет гол за потврда на триумфот.

Утре играат Македонија ЃП и Брегалница.

Standings provided by Sofascore