Кошаркарите на МЗТ Скопје го претрпеа и шестиот пораз во седмиот меч по враќањето во АБА-лигата, откако вечерва загубија на гостувањето кај белградски ФМП (97-101) по голема борба и неизвесен финиш во кој имаа реална шанса да дојдат барем до продолжение.
Избраниците на тренерот Александар Петровиќ одиграа фантастично на крајот и со серија 21-5 дојде до негатива од само еден поен (96-97) и тоа со шанса целосно да изедначи, но Мајк Кафи погоди само едно од двете слободни фрлања. По двете погодени слободни на противникот, Американецот од Аеродром беше фаулиран од зад грб, но судиите наместо неспортска досудија обична лична грешка, што беше крај на надежите за евентуална сензација во Белград.
Аеродромци не го издржаа брзиот ритам на противникот, кој дефинитивно е најпријатното изненадување сезонава во регионалното натпреварување со оглед што е второпласиран со скор 6-1. Домаќинот очекувано силно ја почна средбата и само по неколку минути дојде до двоцифрена предност (13-2), која „металците“ ја намалија на минус пет (30-35) пред крајот на првото полувреме, за кон средината на вториот период да дојдат до највисоки дотогаш плус 14 (55-41). И кога сите во салата очекуваа „лименките“ да продолжат во ист ритам, сино-белите од „Јане Сандански“ почнаа да играат многу подобро и влегоа во фантастична серија 16-0, која на стартот од второто полувреме им го донесоа и првото и единствено водство (57-55).
Но, ова како да ја потроши целата резерва од енергијата кај кошаркарите од Аеродром, додека српскиот тим повторно заигра многу брзо и агресивно. ФМП врати со 22-4, пак дојде до ептен убедлива предност (77-61), која не дозволи по вторпат да ја изгуби. Белграѓани во три наврати имаа и плус 18, но тоа не ги спречи скопјани да донесат неизвесен финиш без среќен крај за составот од Аеродром.
Кефи и Страхиња Миќовиќ со по 18 поени беа најефикасни кај „металците“, додека Самет Јигитоглу постигна 16 поени и пет скока и Војдан Стојановски имаше 15 поени, додека Паулиус Валинскас со 19 поени беше најдобар кај ФМП.
МЗТ Скопје со овој пораз останува како една од двете екипи со само една победа сезонава во АБА, заедно со Мега баскет, додека единствен без ниту еден триумф е тимот на Борац Чачак. Следен противник за составот од „Јане Сандански“ е токму тимот на Мега и тоа на 27 ноември на домашен терен.