По повредите на Пол Погба, Нголо Канте, Паскал Кимпембе, па и на Кристијан Нкунку, светскиот првак Франција го сотре нова ужасна вест – официјално не игра во Катар ниту „златната топка“ Карим Бензема.
Бензема веќе некое време се мачеше со повредата на бутниот мускул, пред паузата за Мундијалот прескокна мечеви за Реал Мадрид, ама неговиот квадрицепс не ги издржа напорите на тренинзите во подготовката за СП 2022.
Франција вечерва потврди дека Бензема нема да игра, со жалење дека ќе го нема извонредниот центарфор кој во минатата сезона даде 46 гола на 46 меча водејќи го Реал Мадрид до шампионска титула во Ла Лига и во Лигата на шампионите.
„Карим Бензема е приморан да се откаже од настапот на СП во Катар. Целиот тим на Франција со многу жалење ја прими веста за повредата на квадрицепсот и му посакува брза рехабилитација“, објави Франција.