Арсенал ја продолжи победничката серија во Премиер лигата во 2024 година, по триумфот во дуелот со Брентфорд на домашен терен. Дури во финишот успеа да го скрши отпорот на Брентфорд.

„Топчиите“ триумфираа со 2-1, но по голеадите во претходните натпревари, сега им требаше екстра труд за да стигнат до нови три бода. По оваа победа Арсенал се проби на првото место на табелата во Премиер лигата, барем до мечот кога се среќаваат Манчестер Сити и Ливерпул, а во најлош случај, по ова коло би бил на втората позиција.

 

 

Херој на домашниот тим на овој натпревар беше Каи Хаверц кој го постигна голот за победа во 86. минута. За Германецот ова беше четврти натпревар по ред на кој постигнува гол, по дуелите со Барнли, Њукасл и Шефилд Јунајтед. Претходно, двете екипи во првото полувреме реализираа по еден гол, Арсенал го отвори резултатот преку Рајс во 19. минута, а Брентфорд израмни со голот на Виса во судиското продолжение.