Фудбалската репрезентација на Македонија до 19 години оствари победа од 2-0 над соодветната селекција на Сан Марино во натпреварот од последното коло на квалификацискиот турнир кој се одржува во Скопје.
Младите фудбалери ги освоија првите бодови и со победа го завршија квалификацискиот циклус (прва фаза) за пласман во елитната фаза квалификации за Европското првенство 2023 година во Малта. Сепак, претходно двапати беа поразени.
Во првото полувреме, избраниците на селекторот Неџат Шабани ја презедоа иницијативата и не дозволија противникот посериозно да се закани по нашиот гол.
Подобрата игра ја крунисаа со погодок во 36. минута. Трајков се снајде одлично во противничкиот шеснаесетник и успеа да погоди за предност на Македонија.
Во продолжението од натпреварот, Македонија успеа да постигне уште еден погодок. Назифи во последните мигови од средбата ги постави конечните 2-0.