Јапонија приреди нова сензација на мундијалот во Катар. Вчера Саудиска Арабија по пресврт славеше над големата Аргентина, денес Јапонците не се предадоа против моќната Германија и исто така пo примен гол се изборија за голема победа (1-2) на стартот од групата Е.
На стадионот во Доха имаше возбудлив фудбал во текот на сите деведесет минути. Двете селекции играа отворено и со желба за гол повеќе, а доколку напаѓачите беа поефикасни во извршувањето на своите задачи, немаше да биде чудо ако на натпреварот беа постигнати уште повеќе голови.
Германија беше селекцијата која што доминираше, Гундоган и Кимих владееја на средина на теренот. Гнабри, Мусиала и Хаверц донесоа многу грижи во редовите на „самураите“, кои пак мудро и трпеливо ја чекаа својата шанса и во вистински момент го нападнаа фаворизираниот противник, го зададоа последниот удар и се изборија за голема победа.
Првото вистинско возбудување на натпреварот пристигна по само осум минути игра, откако по една грешка на германската одбрана, Меада ја смести топката во мрежата на Нојер, но неговиот погодок беше поништен поради офсајд ситуација. Можноста на најистурениот фудбалер на Јапонија беше единствената во првиот дел, бидејќи во продолжение, Германија ја презеде контролата и тргна во офанзива.
Шанси се нижеа пред голот на Гонда, Гнабри и Хаверц не ја погодија целта, но затоа на висината на задачата беше Гундоган, кој во 33. минута од пенал погоди за водство на „панцирите“ од 1-0. Пред фудбалерите да заминат во соблекувалните Хаверц за момент ги израдува германските фанови, погодувајќи во 49. минута, но се активари ВАР и поради офсајд не беше признат голот.
Флик изврши неколку замени, ги внесе Флукруг и Мукоко, па во судиското надополнување Германците имаа два корнери и една голема шанса на Горецка.