Мундијалот во Катар дефинитивно е завршен за репрезентативецот на Саудиска Арабија, Јасер Ал-Шахрани, кој во вчерашната сензационална победа над Аргентина доби стравична повреда, а дури загрозена е неговата цела кариера.

Тој доби „летечко колено“ в лице од сопствениот голман, а потоа и незгодно падна на глава на теренот. Ал-Шахрани загуби свест, а судијата Винчиќ направи кардинална грешка и не ја прекина веднаш играта, иако тоа мораше да го направи според правилата. Тој беше изнесен од стадионот на носилки и итно беше префрлен во болница, а денешните вести пренесуваат дека престолонаследникот Мохамед бин Салман одлучил играчот да биде пренесен со приватен авион во Европа, односно во клиника во Германија.

 

Според дијагнозата, Јасер Ал-Шахрани се здобил со скршеници на вилицата и неколку коски на лицето, како и внатрешно крварење. Засега не е познато кога, но и дали ќе се врати на зелениот терен.