Рома со минимални 1-0 ја совлада Болоња која во самиот финиш пропушти да дојде до бод, Лацио водеше на гостувањето кај Лече, но во Рим се враќа со пораз од 2-1.
Идеален ден за Рома, тие ги освоија трите бода, а нивниот ривал Лацио го загуби мечот со Лече.
Рома доби сомнителен пенал по старт врз Дибала уште во четвртата минута. Прецизен од белата точка беше Пелегрини кој донесе водство од 1-0.
По тој момент Рома повеќе размислуваше на одбраната отколку на нападот, а Болоња особено засили во самиот финиш од мечот.
Во судиското продолжение гостите имаа две големи шанси. Најпрво Смолинг блокираше еден удар на Арнаутовиќ, а потоа Абрахам исфрли со глава од самата гол линија, Руи Патрисио веќе беше совладан.
Лацио во Лече поведе со гол на Имобиле уште во 14. минута, со предност од 1-0 го завршија првото полувреме, но во вториот дел работите се променија.
Лече во 57. минута со голот на Стефеца изедначи на 1-1, а во 71. минута погоди и Коломбо за комплетен пресврт и победа на домаќините од 2-1.
Рома и Лацио сега се израмнети на табелата во Серија А со по 30 бодови.