Познати личности од светот на спортот, поранешни и сегашни фудбалери, но и други спортски ѕвезди не го пропуштија дуелот помеѓу Реал Мадрид и Челзи, ниту пак пропуштија да му оддадат почит на Лука Модриќ .

Фантастичната асистенција на Лука Модриќ предизвика бура од реакции и восхитување не само кај навивачите, туку и кај големите фудбалски имиња кои не можеа да поверуваат на она што го гледаат.

Рио Фердинанд, Џо Кол и Стив Мекманаман во студиото на БТ Спорт сигурно имаа симпатии кон Челзи бидејќи е англиски клуб ,а таму играше  Џо Кол. Како поранешен играч на Реал,на Мекманаман секако при срце му е шпанскиот клуб , но сите заедно му се поклонија на Модриќ.

„Ова додавање на Лука Модриќ е причината поради која го загубив гласот. Тоа е нелегално! Го викав неговото име. Лука, Лука. Феноменално“, изјави поранешниот стопер на Манчестер Јунајтед.

Мекманаман се согласи: „Можеме да го гледаме ова цел ден! Погледнете го ова, само погледнете. Заборавете на завршницата, важна е само асистенцијата“.

Кол само додаде: „Прекрасно додавање, тоа е она што квалитетните играчи можат да го направат за вас“.

Дури и некои големи ривали мораа да му оддадат почит на Модриќ. Сеск Фабрегас е двоен ривал на Лука, и од Лондон затоа што играа еден против друг во Тотенхем и Арсенал, и од Шпанија затоа што Фабрегас ги бранеше боите на Барселона. Но, тоа не беше важно синоќа.

„Да живее фудбалот! Асистенција на годината за Модриќ. Каков натпревар“, напиша тој на Твитер.

Натпреварот го следеше и поранешниот кошаркар на Реал Мадрид, Лука Дончиќ. Словенскиот маестро во САД се опоравува од повреда и го чека плеј-офот, но не ја пропушти играта и можноста да му честита на уште еден мајстор .