Македонската ракометна репрезентација вечерва (20:15 часот) во Злин го игра првиот бараж меч против Чешка за пласман на Светското првенство 2023 година. За Кирил Лазаров и неговите пулени ова е добро познат противник, со кого играат најчесто во последнава деценија.

Чешка беше нашата „виза“ за место на последниот Мундијал, но на еден поинаков начин. Во Египет, Македонија се најде токму на местото на оваа селекција, која мораше да го откаже своето учество поради Ковид-позитивни во тимот.

Кога сме кај баражите, последен пат против нив „црвено-жолтите“ играа во јуни 2016 година. Во Злин загубивме со шест гола, но потоа во Скопје победивме со седум. Со Чешка игравме и во квалификации за ЕП 2016 и ЕП 2018, Македонија излезе како победник.

Последната пресметка со оваа репрезентација ни беше на Европското првенство 2020 година во Виена, Македонија беше поразена 27-25. Две години претходно исто се сретнавме на континентално натпреварување, тогаш исто така доживеавме  пораз со 24-25, Дејан Манасков во втората рунда во Вараждин не реализираше од седум метри за реми.