Итана Грбиќ и Јованка Радичевиќ заедно дадоа 16 гола од 35-те на Црна Гора и ја одведоа во полуфинале на Европското првенство, трето за Црногорките во својата историја после 2012 и 2014 година, после вечерашната победа со 35-34 против Романија.
Во својот јубилеен 50-ти меч на Европските првенства, Радичевиќ даде осум гола од кои последниот од пенал за заверка на победата против Романија за пласман во полуфиналето. Седмерецот го изнуди помладата Грбиќ која даде осум гола од десет шута и имаше уште толку асистенции, како еден од лидерите за фантастичната победа.
Во супер интересен меч, со многу голови, фантастични потези, брзи напади, двете селекции најмногу успеваа да се одлепат до два предност, а десетина пати мечот беше во егал, последен пат 29-29 по што Црна Гора направи серија од 4-1 за највисоки три предност (33-30) како исчекор кон победата.
Но, Романија не се предаде, дојде на гол негатива кој го бркаше во завршницата, но Црна Гора не пропушти со два гола во двата последни и исклучително важни напади да дојде до победата
Црна Гора сега има шест бода, исто колку и Франција и е сигурен патник, зашто е недостижна за Шпанија и Холандија кои имаат по три на коло до крајот, како и за Германија која бодовно може да стигне со вечерашна победа против Франција и во последното коло, но има послаб меѓусебен дуел со Црна Гора поради поразот во Подгорица.
Кристина Неагу со девет гола беше најефикасна кај Романија.