Алкалоид се наметнува како фактор во борбата за тронот. Вардар одигра очајно прво полувреме, во второто беше многу подобар, сепак недоволно за целосен пресврт.
Алкалоид тргна фуриозно на стартот во мечот во „Автокоманда“, со рано водство од плус три и максимални 13-7 во 25. минута. Одбраната беше извонредна, со Благојче Трајковски меѓу стативите и на одмор Алкалоид замина со 15-11.
Вардар се разбуди со серија од 3-0 и натпреварот веќе доби нов тек, крајно изедначен и не извесен. Томовски направи неколку одбрани, Вардар врза нови три гола и во 56. минута првпат поведе, со 21-20.
Искусниот Трајковски се покажа пресуден, ги одбрани следните два напада на Вардар, а неговите соиграчи од нападот комплетираа пресврт. Мартин Серафимов кај Алкалоид, Дејан Манасков кај Вардар со по седум гола беа најефикасни, а Трајковкси имаше 14 интервенции.
Вардар има 21 бод, Алкалоид со петтата победа во низа дојде до 18, колку што има и Пелистер, но тој го игра својот натпревар од ова шесто коло во плеј-оф фазата, на гости кај Тиквеш.