Јувентус не влезе добро во сезоната и се чинеше сигурно дека ќе ја загуби титулата во Италија втора сезона по ред, но на 11 кола пред крајот на Серија А ситуацијата на табелата е многу интересна. Торинскиот гигант заостанува само седум бода зад водечкиот двоец Наполи и Милан, а пет зад Интер.
„Има уште многу бодови во игра. Интер доаѓа во Торино. Верувам во титулата“, изјави Пауло Дибала на прес-конференција. Со неговото мислење се согласува и La Gazzetta dello Sport, која посочува три причини зошто е сосема можно Јувентус да стане италијански шампион.
1. Поволен распоред
Јувентус оваа сезона ги одигра речиси сите дербија. Од клубовите кои моментално се во горната половина на лигата, допрва треба да ги пречекаат Интер и Лацио, а ќе играат на гости против Сасуоло и Фиорентина. Преостанатите седум кола ќе се играат против клубови од долната половина.
Избраниците на Масимилијано Алегри веќе овој викенд имаат одлична можност да се доближат до лидерите. В недела ќе ја пречекаат Специја, додека Наполи и Милан играат меѓу себе.
2. Одбрана
Јувентус имаше проблеми со повреди на дел од дефанзивците во текот на сезоната, но Алегри најде решение. Матијс де Лигт стана вистински лидер на последната линија на црно-белите. Од ноември, Јувентус прими само 10 гола во првенството, а во ТОП 5 лигите подобар е само Реал со осум примени гола.
3. Душан Влаховиќ
Како што пишува La Gazzetta, третата причина е најочигледна – Душан Влаховиќ. Српскиот репрезентативец пристигна од Фиорентина во јануари за речиси 82 милиони евра и според Италијанците целосно направи револуција во нападот на Јувентус. Тој постигна четири гола во неговите први седум настапи за клубот и направи секој напад на клубот од Торино да изгледа опасно.