Екипата на Милан одигра само нерешено во дерби дуелот на домашен терен против Аталанта (1-1), со што стави крај на серијата од пет победи на противничкиот тим во Серија А.

„Росонерите“ поведоа уште во третата минута со фантастичниот погодок на Леао, кој прво мајсторски помина меѓу двајца противнички фудбалери, за потоа откосо да ја погоди мрежата на ривалот од Бергамо.

 

 

Аталанта се обиде да возврати до крајот на првиот дел, а тоа ѝ успеа преку пенал, кој прецизцно го реализираше Теун Копмајнерс во 44. минута.

Второто полувреме повторно донесе иницијатива на миланезите, Леао го имаше насекаде на теренот и се обидуваше да ги разигра своите соиграчи, но Милан никако не успеваше да дојде до нов гол. Одлична шанса имаше и Кристијан Пулишиќ во 70. минута, но мрежата на Аталанта остана мирна.

Последните 15 минути не донесоа премногу возбуда на двете страни, иако Милан се обидуваше да дојде до ново водство преку Лофтус-Чик и Леао, но резултатот до крајот остана непроменет и натпреварот заврши  1-1. Милан направи чекор назад во однос на Јувентус и сега има четири бода заостанување, додека Аталанта останува на петтата позиција со 46 бодови.