Фудбалерите на Реал го совладаа големиот градски ривал Атлетико по продолженијата на „Сантијаго Бернабеу“ со резултат 3:1 (0:1) и се пласираа во полуфиналето на Купот на кралот.

Тимот на Диего Симеоне беше блиску до изненадување во пресметката со европскиот шампион со рецептот кој ги краси повеќе од една деценија.

Постигна гол рано, а потоа гледаше да се брани, потпомогнат од слабата игра на Реал во поголемиот дел од првото полувреме.

Стрелец на водечкиот гол беше поранешниот напаѓач на Реал, Алваро Мората во 19. минута.

Убавата акција ја заврши на втората статива и на интересен начин го прослави голот против својот поранешен клуб.

Реал во продолжението се разбуди и го засили ритамот, но Јан Облак во два наврати брилјираше по ударите на Карим Бензема.

Атлетико имаше одлични шанси преку Антоан Гризман и Аксел Вицел непосредно пред 79. минута, кога го стигна казна.

Човекот чие средно име е пресврт, Родриго, влезе од клупата и постигна гол за израмнување на 1:1.

Натпреварот отиде во продолжение кое го одбележаа два моменти во првите 15 минути.

Прво црвениот картон кој Стефан Савиќ го заработи поради стартот врз Камавинга, а кој го најави пресвртот на Реал кој се случи во 104. минута.

Тогаш, кој друг освен Карим Бензема постигна гол за пресврт и конечен триумф на „кралскиот клуб“:

Точка стави Винисиус во последните моменти од мечот за конечни 3:1.

https://www.youtube.com/watch?v=a0q-OsIy1RU

Во полуфиналето се пласираа и фудбалерите на Атлетик Билбао кои претходно вечерта на „Местаља“ беа подобри од Валенсија со резултат 3:1 (2:1).

Билбао поведе со голот на Икер Мунаин во 35. минута, а израмни Валенсија со автоголот на Оскар Де Маркос во 43. минута.

Победата на Билбао му ја донесоа головите на Нико Вилијамс во 45 и Микел Весга во 74 минута.

Барселона и Осасуна се останатите екипи во полуфиналето на Купот на кралот, а паровите ќе бидат познати дури по ждрепката.