Лука Дончиќ одигра феноменална партија, а кошаркарите на Далас маверикс ставија крај на серијата од четири порази, најдолга откако тренер на екипата е Џејсон Кид, откако ноќеска, на домашен терен, го преслушаа актуелниот првак во НБА, тимот на Голден стејт вориорс (116-113).
Тоа беше легендарна вечер која долго ќе се прераскажува, пред се поради фантастичната партија на Лука Дончиќ, кој го оствари 51. триопл-дабл во кариерата и тоа со монструозни бројки. Словенецот средбата ја заврши со 41 поен и по 12 скока и асистенции, а имаше и четири украдени топки, а зад него беше Тим Хардавеј со 22 поена. Кај „воините“, Стеф Кари постигна 32 поена, но беше еден од трагичарите зашто на десет секунди пред крајот направи чекори при обид за шут, а при водство од два разлика за Далас. Во последниот напад и Клеј Томпсон имаше можност да израмни и да го однесе резултатот во продолжение, но не успеа во тоа.
Екипата на Њујорк никс како гостин го прегази Детроит пистонс (140-110), најлошиот тим досега во Источната конференција со само пет победи во 23 одиграни меча. Во дербито, пак, на вечерта, ЛА Клиперс дојде до гостинска победа против Портланд трејлблејзерс (118-112). Пауел со 32 и Џексон со 24 поени и 12 асистенции беа најдобри во победничкиот тим, додека Симонс и Грент со 37 односно 32 поени веќе традиционално беа најефикасни кај „пионерите“.