Капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски, на денешната прес-конференција во пресрет на новата сезона изјави дека пред неговиот тим е исклучително тешка сезона, особено во АБА-лигата, која, според него, е меѓу најдобрите на Стариот континент.
Тој најавува голема борба на секој меч, особено во регионалната конкуренција.
„За два дена стартува АБА-лигата, која е меѓу трите најквалитетни во Европа. Пред нас е напорна и тешка сезона, но ќе одиме на победа на секој натпревар. Во АБА секој дуел за нас ќе биде финале, а секоја победа – злато вредна. Се надевам на што е можно повеќе победи и добра презентација на македонската кошарка “, изјави Стојановски.
МЗТ во првите пет кола од јадранското натпреварување ќе ги одмери силите со четирите најголеми конкуренти за титулата како Црвена Звезда, Партизан, Будуќност и Цедевита Олимпија.