Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов денеска го најави Европското првенство (ЕП) кое годинава ќе се игра во Македонија, Словенија и Црна Гора.
Мукаетов кажа дека федерацијата и државата се подготвени за организација на големиот настан, а притоа ги повика сите да дадат поддршка за ракометарките.
„За нас е голем предизвик, задоволство и чест да бидеме организатори на најголемиот настан во Македонија во последните години. За нас е голема чест да бидеме од оваа организација. Натпревари со Холандија, Франција и Романија. Можност за нашата јавност прво да им дадеме подршка на нашите ракометарки и да дојдеме во што поголем број да ги бодриме нашите. Ќе имаме шанса да ги видиме и сите најдобри репрезентации од Европа во Скопје, како домаќини и на главната фаза“, вели Мукаетов.
Првиот човек на РФМ се заблагодари и на Владата за доградбата на СЦ „Борис Трајковски“
„Од првиот ден се координираме со федерациите на Словенија и Црна Гора како и ЕХФ, работиме напорно за да се покажеме во најдобро светло. Благодарам и на Владата која се нафати да ги догради сите потребни елементи за салата Борис Трајковски да се доизгради како што треба. Досега се докажавме како добри домаќини, но ова е врвот во организацијата. 40 лица од ЕХФ, ќе има многу активности за промоција на Скопје, државата и македонскиот спорт“, вели првиот човек на РФМ.
ЕП ќе се игра од 4 до 20 ноември.