Без разлика што фудбалските репрезентативци на Бугарија уште пред гостувањето во Скопје, каде што во понеделникот играа против Македонија (0-1) во меч од Лигата на нации, ја обвинија македонската јавност за давање преголемо политичко значење на дуелот, фотографиите и снимките кои излегоа денеска на социјалните мрежи покажуваат нешто спротивно.
Група бугарски навивачи кои дојдоа да ги бодрат своите фудбалери направија т.н. герила-акција, која очигледно е разбирлива само за нив самите, откако на влезот во Скопје запалија знаме на поранешна СФР Југославија, а истакнаа бугарско.
„Во Скопје во 2022 година, знамето на Југославија гори, а бугарското гордо се вее до него. Крајно време е сите да разберат дека во оваа држава има Бугари и дека тие нема вечно да останат невидливи. Напротив! Тие еден ден ќе станат водечки фактор во државата и ќе ја преземат контролата како што е редно веќе“, пишува под објавата на фотографијата од оваа герила-акција.
Останува нејасно што дури три децении од независноста на Македонија некој се уште ја споменува поранешната заедничка држава, особено спортски навивачи кои дошле да ги бодрат своите миленици. Очигледно оптоварувањето со политика е големо кај бугарските спортски фанови, кои настапот на нивната репрезентација го искористија за ваква ужасна акција и пред се реторика.