Македонскиот првак Пелистер со пораз од ПСЖ стартуваше во новата сезона во ракометната Лига на шампионите, но по она што го покажа во Париз, може да бидат задоволни и навивачите и стручниот штаб.

Парижаните победија со 31-29 иако во еден момент се чинеше дека битолскиот тим може да доживее катастрофа бидејќи домаќините водеа и со осум гола разлика. Пелистер се држеше во првите десет минути во кои четири пати имаше водство од еден гол. ПСЖ потоа направи серија од 4-0 и ја презеде контролата над резултатот која не ја испушти до крајот.

Во 41. минута ПСЖ го достигна највисокото водство, од осум разлика (25-17). Тука Пелистер почна да се враќа. Со серија од 6-1 се доближи на 23-26 на осум минути пред крајот, а нешто подоцна дојде и на само -2 (25-27). За жал, не успеа да најде одговор за фантастичниот Шипжак кој во клучните моменти постигна два гола по ред и го одржа ПСЖ во водство. Пелистер се доближи на само еден гол негатива на 17 секунди пред крајот, но Стеијнс стави точка во последниот напад.

Токму Шипжак беше најефикасен играч на мечот со 11 гола од 13 шута. Кај Пелистер, одличен беше Филип Кузмановски кој реализира 8 гола од 11 удари, но успеа да ги разигра и останатите ракометари, особено Пешевски кој заедно со Цехте постигна по шест гола. Голманот Филип Ивиќ не се истакна претерано бидејќи успеа да одбрани само шест удари, додека Никола Митревски не застана на голот.

Својот прв натпревар на домашен терен во новата сезона во Лигата на шампионите, Пелистер ќе го игра на 18 септември, против германскиот претставник Фуксе.