Со застрашувачка генерација, убедливо со најголемо срце, Кометал токму на денешен ден стигна до она што му беше запишано во судбината – да стане шампион на Стариот континент. Годината беше 2002, две откако на истиот датум го одигра првото финале, против австриски Хипо и загуби.
Но, 2001-02 беше вистинската сезона, со Луминица Дину на голот, Наталија Малахова , Андријана Будимир и се разбира, ‘рбетот на тимот во името на вонсериската Индира Кастратовиќ. На 19 мај се одигра реваншот против Херц Ференцварош, во „Кале“, откако првиот меч осум дена претходно заврши со 27-25 за Унгарките.
Јасно ни беше на сите дека тие два разлика се отворена порта до пехарот, а бестрашните девојки предводени од Александар Панов на клупата требаше само да измаршираат до него. Победија со 26-22 и донесоа огромна радост на Македонија.
Буквално цела земја беше на нозе. Се славеше низ улиците на Скопје, а главната „фешта“ беше на плоштадот Македонија. Кастратовиќ, Нацева, Малахова, Кисељова, Велкова, Платон и останатите пред наши очи се трансформираа во национални херои и идоли на многу млади македонски ракометарки. Уште години пред тоа покажаа дека не е невозможно да се стигне на врвот, а на 19 мај 2002 година докажаа и дека успехот е достижен дури и за народ како нашиот.
Три години подоцна Кометал и третпат стигна до финалето, но тогаш данскиот Шлагелсе беше незапирлива машинерија, во чии редови одлично се вклопи и нашата Валентина Радуловиќ. Неколку години подоцна тимот се распадна и замина во историјата, но ја оствари својата цел и создаде еден незаборав.