Германија водеше на почетокот на дуелот со 2-1, но потоа Швеѓаните ја преземаа контролата и до полувремето зголемија на шест гола предност (18-12).
Домаќинот се мачеше во второто полувреме за да ја анулира негативата, но не му одеше од рака. Во финишот успеа да намали на 29-30, но Шведска не дозволи пресврт и ја зачува предноста до крајот на мечот (34-31).
Прво име на натпреварот беше шведскиот голман Паличка со деветнаесет интервенции. Најефикасен во победничкиот табор беше Феликс Клар со осум голови, а ист учинок кај Германија забележа Ренарс Ушчинс. Шведска сосема заслужено го освојува бронзениот медал и одново се враќа со огромен успех од континенталните собири.