Мадридска „Марка“ тврди дека Кристијано Роналдо е блиску до договор со саудиски Ал Наср.
Португалецот, кој среде сезона беше исфрлен од Манчестер Јунајтед по низа скандали, во Саудиска Арабија би заработувал по 200 милиони евра по сезона.
Саудијците му подготвиле договор на две и пол години, што значи половина милијарда за целиот договор!
„Роналдо нема избор. Ниту еден европски тим не може финансиски да се доближи до понудата на Ал Наср, а не можат ниту клубовите од МЛС“, пишува „Марка“, весник близок до агентот на Роналдо, Жорге Мендеш.
„Марка“ наведува дека Мендеш и Роналдо веќе се согласиле на оваа понуда.
Ал Наср, клуб од главниот град Ријад, го предводи поранешниот тренер на Рома, Руди Гарсија, а најголеми ѕвезди на тимот се голманот Давид Оспина и поранешниот играч на Виљареал, Алваро Гонзалес.
Ал Наср заедно со Ал Хилал, неговиот градски ривал и актуелен шампион, е најтрофејниот саудиски клуб, а своите натпревари ги игра на стадион со капацитет од 25.000 седишта.
Роналдо, кој е петкратен добитник на „Златната топка“, се врати во Јунајтед минатата година.
По разочарувачката сезона минатото лето, тој сакаше да го промени клубот, но на крајот остана во Манчестер, а потоа се скара со тренерот и го критикуваше клубот во едно интервју.
Претходно играше и за Спортинг, Реал и Јувентус.