Првиот фаворит за светската титула Бразил одигра моќен натпревар против Јужна Кореја, па велемајсторите во копачки од најфудбалската земја за 36 минути ја завршија работата за пласман во четвртфиналето .
Сиот потенцијал, квалитет и талент Бразилците го демонстрираа во првата третина од мечот за да ја покажат сета моќ со која располагаат и на светот да му покажат зашто сите ги сметаат за први фаворити за „златната божица“, па до врв можеа да ги наполнат Корејците.
Првиот гол беше дело на Винисиус Жуниор на асистенција на Рафиња по седум минути, па пенал што го реализира Нејмар, а потоа серијата ја продолжи Ришарлисон со трет гол по велемајсторска акција во 32-та, а печат на триумфот стави Луис Пакета во 36-та мин.
Винисиус и Ришарлисон запишаа по гол и асистенција, но корејскиот голман Сунг Кју Ким беше човекот што спречи уште пет чисти голови, за Јужна Кореја да не доживее тотален дебакл. Кога веќе сѐ беше јасно и кога „кариоките“ се опуштија, Паик Сеунг Хо со прекрасен удар од 20 метри даде почесен гол за да се простат чесно од ова 22-ро СП.
Бразил за полуфинале ќе игра со Хрватска во петок, а победникот од овој меч ќе вкрсти во мечот за финале со подобриот од пресметката Холандија – Аргентина, меч кој исто така се игра во петок.