Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ изјави дека тимот не бил на своето ниво во осминафиналето против Јапонија.
Тој додаде дека тимот, сепак, покажал карактер и дека е пресреќен што се пласираа во четвртфиналето.
„Се чини дека не можеме без драма. Многу сме среќни што сме во четврт-финалето, тоа беше многу тежок натпревар против многу непријатен тим кој ги победи Германија и Шпанија. Не одигравме на нивото на кое знаеме, но сепак во првото полувреме создадовме две, три добри шанси и ако први поведевме, можеби играта ќе одеше во подобар правец за нас“, изјави Модриќ, пренесе Хина.
Хрватска се пласираше во четвртфиналето на Мундијалот, откако по изведувањето на пенали ја совлада Јапонија со 3:1, откако резултатот беше израмнет 1:1 во регуларниот дел од играта и по продолженијата.
Голманот Доминик Ливаковиќ одбрани три пенали и е еден од најзаслужните што Хрватска по трет пат се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство.
„На крајот покажавме карактер и се вративме од резултатска негатива и стигнавме до пенал-рулетот во кој „Ливи“ беше чудесен. Секоја чест за него, не однесе во четврт-финалето. Влеговме доста добро во натпреварот, но на крајот на полувремето не бевме во прав ритам, паза вториот дел се договоривме да го промениме начинот на игра и да се обидеме со повеќе нафрлувања“, изјави Модриќ.
Хрватска во четвртфиналето ќе игра против победникот од дуелот помеѓу Бразил и Јужна Кореја.