Македонскиот „дијамант“ Елиф Елмас кој заблеска пред крајот на првиот дел од сезоната во Италија со два гола и асистенција на последните три меча за Наполи пред паузата поради Мундијалот, си ја кажа новогодишната желба за новата 2023 година – „скудето“ со Наполи.
Елмас со наполитанците е во Анталија (Турција), каде калчолигашкиот лидер после импресивните 13 победи од 15 меча и без пораз во Серија А, се подготвува за вториот дел од сезоната од јануари, ги откри своите желби и соништа, како за 2023, така и за следниот период.
„Четири години сум во Наполи и сакам нов трофеј. Ама, овојпат ќе направиме сè за ‘скудетото’. Сакаме и можеме да им ја подариме таа шампионска радост на сите во Неапол. Ќе дадеме сè во Серија А и во ЛШ, а на крај се надевам и верувам дека ќе бидеме шампиони. Во Наполи е забавно, покажавме сјаен фудбал, уживаме, одигравме навистина извонредни мечеви и во ЛШ и во Серија А. Живееме во прекрасен момент, но мора да гледаме напред и да не застануваме. Сакаме да продолжи авантурата во ЛШ, нормално. Имаме големи цели“, вели Елмас.
Македонскиот репрезентативец има големи желби и со репрезентацијата на Македонија, а целта му е – настап на ново Европско првенство, ама и настап на светско првенство. Ланското лето со Македонија играше на Еуро 2020, од март го чека нов предизвик во „групата на смртта“ за Еуро 2024, а потоа и битка за настап на СП 2026 во САД, Мексико и Канада, прво со 48 селекции, кое да се играше сега во Катар во таков зголемен формат ќе играше и Македонија.
„Што се однесува до Македонија, мојата цел е да играме на следното Европско првенство, како и на следното Светско првенство“, посочи Елмас.
Тој откри и каде планира да ја заврши кариерата, иако сè уште е на почеток на својата кариера и пред него има уште повеќе од една деценија да игра на врвно ниво.
„Јас ја сакам Турција и размислувам да се преселам тука. Сакам да ја завршам кариерата во Турција“, додаде бившиот фудбалер на Фенербахче.