Загрижувачки вести пристигнаа за навивачите на Аргентина во пресрет на финалето со Франција. Сепак, не станува збор за повреда или епидемија во таборот на „гаучосите“, туку за суеверие – затоа што познатиот рап артист Дрејк смета дека Меси и компанија се тие кои ќе триумфираат на Мундијало

Ова наведе многу фанови на социјалните мрежи повторно да се потсетат и да се пошегуваат со таканаречената „клетва на Дрејк“.

Раперот речиси секогаш им носи лоша среќа на сите спортски ѕвезди и тимови со кои се фотографирал или јавно ги поддржувал.

Навивачите ќе се потсетат дека Дрејк последен пат и донесе пех на Барселона во октомври на „Ел Класико“ против Реал Мадрид. Тогаш каталонците кои излегоа со логото на уметникот на своите дресови загубија со 3-1.

За „проклетството на Дрејк“ почна да се зборува откако на социјалните мрежи забележаа дека секој познат спортист што се сликал со раперот го губи наредниот меч. Ова им се случи на Серхио Агуеро, Пол Погба, Пјер-Емерик Обамејанг, Џејден Санчо и Левин Курзава.