Квалитетно засилување за продолжението од сезоната донесе Барселона. Шпанскиот фудбалски репрезентативец Адама Траоре дојде на Камп Ноу на позајмица од Вулверхемптон. Двата клуба се договорија, а официјално овој 26-годишен крилен напаѓач во петок ќе ги комплетира документите за своето враќање во Барселона.
Имено тој настапуваше во вториот тим на Барселона од 2013 до 2015 година, по што се приклучи на првиот тим во кој не можеше да се докаже. Затоа замина на Островот во 2015 година каде играше за Астон Вила и Мидлсброу и од 2018 година за Вулверхемптон.
Физички, еден од најдоминантните фудбалери во Европа во моментов, Барселона може да го откупи на крајот од сезоната за цена од 30 милиони евра. Траоре во кариерата има осум настапи за шпанската репрезентација.