Колку се луди Аргентинците по фудбал одамна е познато, ама сите се чудат кога ќе видат сцени од неверојатна радост во Бангладеш за „гаучосите“, па делува неверојатно и сите се прашуваат– од каде толкава љубов во оваа азиска земја за јужноамериканскиот великан?
Бангладеш, инаку со 170 милиони жители пулсираше во „танго аргентино“, а нивната „посвоена репрезентација“ имаше поддршка како ниту една друга.
„Многу сме горди на луѓето во Бангладеш за тоа како нè поддржуваат. Им благодарам. Со години луѓето низ светот гордо го носеа дресот на Диего Марадона, а сега го имаме Лионел Меси“, велеше Лионел Скалони, селекторот на Аргентина.
Прашањето е од каде толкава љубов во Бангладеш кон Аргентина? И одговорот се крие во Диего Марадона, ама не само поради фудбалската уметност, туку поради нешто многу поголемо.
Икрам Ахмед, 19-годишник од Бангладеш кој живее во Сиднеј ја открива вистината. Негов идол е Лионел Меси, а во Аргентина се заљубил од СП 2010 во Јужна Африка, најмногу од приказните на својот татко за еден голем играч Диего Марадона. Тој во Австралија својата гаража ја направил импровизирано место за навивање за Аргентина.
„Лео за нас е сè, сакаме да го гледаме како игра, како ужива, како се радува. Тоа нè тера и нас да се радуваме. Кога Лео е среќен, сите сме среќни“, вели Икрам.
Таткото на Икрам се заљубил во Аргентина во 1986 година, кога Марадона ја однесе Аргентина вторпат на врвот на светот.
„Луѓето во Бангладеш секогаш го сакале фудбалот, ама бидејќи немаме сјајна селекција за да ја искажеме љубовта, ја славиме Аргентина“, вели Кази Зулкарнаин, дописник за „Ла Насион“ од Дака.
Моментот кога експлодира љубовта во Бангладеш кон Аргентина е 22 јуни 1986 година на „Ацтека“ во Мексико. На тој ден е родена „божјата рака“, контроверзниот гол на Марадона, а потоа и најубавиот во историјата на Мундијалите. Мечот е против Англија, пресметка која Марадона на секој начин бараше одмазда поради војната со „круната“ за Фолкландските острови (Малвинас како ги викаат Аргентинците).
И таа божја рака, таа победа ја изроди љубовта во Бангладеш кон Аргентина и Марадона, зашто на колена клекна империјалистичката сила. Бангладеш е поранешна британска колонија и за нив победата и потезите на Марадона се симбол дека мала земја може на колена да фрли една голема сила.
„Диего го сакавме поради неговите лудории, за тоа што неговата лична борба нè потсетуваше на нас самите. Таа негова победа, таа битка беше искрата на љубовта. Сè што тој претставуваше, борба за правда, беше нешто за кое Бангладеш се бореше“, додава Зулкарнаин.
После 44 години и сцените од лудите прослави во Бангладеш, Аргентина и оваа азиска земја повторно воспоставија дипломатски односи. Аргентина повторно ќе отвори амбасада во Дака, која ја затвори во 1978 година, во годината првпат кога станаа светски прваци, со наредба на генералот Видела, во екот кога владееше воената хунта.