Лионел Меси кој ја водеше Аргентина до првата светска титула после 36 години на 22-от Мундијал во Катар, се круниса со последниот трофеј кој му недостигаше за најдобар играч на сите времиња, но ова Светско првенство ќе се памети и по тоа дека урна дури – 12 рекорди.

Фантастичниот Аргентинец кој го заврши СП со седум гола и три асистенции и светска титула во рака после невидениот трилер со Франција во најубавото финале во историјата испиша историски факти кои уште долго време ќе бидат тешко достижни.

ОВА СЕ СИТЕ РЕКОРДИ ШТО ГИ ИСПИША МЕСИ

Најмногу настапи на Мундијалите – 26. Го надмина Лотар Матеус кој имаше 25

Најмногу асистенции на Мундијалите – 9. Го надмина Диего Марадона кој имаше осум

Единствен кој дал гол во секоја фаза од СП – Меси погоди во групи, осминафинале, четвртфинале, полуфинале и финале

Најмногу одиграни минути на СП – 2.314. Го престигна Паоло Малдини, кој имаше 2.217

Единствен кој запишал барем една асистенција на пет Мундијали по ред

Единствен аргентински фудбалер кој дал гол на четири Мундијали

Најмногу мечеви како капитен – 18

Најмногу учества во гол, со погодок или асистенција – 22. Има 13 гола и 9 асистенции на СП

Најмлад фудбалер кој има пет Светски првенства, роден е 24 јуни 1987

Најмногу освоени МВП признанија за играч на меч – 11 (42 отсто од бројот на одиграни мечеви).

Најмногу мечеви со гол и асистенција и најмногу на исто СП – вкупно 4, во Катар – 3. Истовремено е и најмлад и најстар фудбалер со гол и асистенција на мундијалски меч

Нема фудбалер со поголема разлика од првиот до последниот гол – 16,5 години. Првиот го даде со Србија и Црна Гора на СП во Германија во 2006, а последниот во финалето со Франција во продолженијата (два постигна од трите на мечот).