Христијан Малески (20) е откритие на полусезоната или најдобриот млад играч во есенскиот дел во ПМФЛ. Стружанецот одигра маестрални 16 натпревари во изминатата есен, беше стрелец на пет голови, а имаше и неколку асистенции. Малески заедно со Бесарт Ибраими во нападот беа нерешлива енигма за сите противнички одбрани. Тој во Струга Трим Лум е стартер и не само поради правилото да мора да има во првиот состав играч под 21 година, туку и поради својот неспорен талент а пред се и квалитет.

Сите во клубот се горди на Малески, кој довербата која му беше укажана од стручниот штаб на чело со Срѓан Захариевски максимално ја искористи.

Може да игра и како централен шпиц, одлично се снаоѓа по левата и десната страна во нападот, а најдобар е во центарот, роден голгетер што вели народот.

Токму затоа дојде и повикот за да биде дел од нашата млада репрезентација до 21 година.Уште сега менаџерите прашуваат за напаѓачот, клубови од соседството се интересираат, а челниците на Струга Трим Лум се смешкаат. Тие најдобро знаат какво богатство имаат во своите редови.