ПСЖ работи и на сопствени таленти, а доказ е 17-годишниот Иљес Хусни. Клубот му додели прв професионален договор и ќе го користи во сениорскиот тим, кога ќе има потреба и сето тоа е награда за формата и квалитетите на момчето со кои отскокнува од своите врсници.
Станува збор за Мароканец по родители, но роден во Кретеј. Од свои 14 години дошол во академијата на ПСЖ, а оваа есен прописно „експлодира“ во повеќе наврати.
Уште во октомври, во У19 лигата во Франција, постигнал шест гола на мечот ПСЖ – Ремс, во кој „светците“ славеле со 9-0. Во младинската Лига на шамипионите тој е главен играч на ПСЖ и на шест меча постигнал осум гола.
На 21 декември доби шанса во сениорскиот тим, но на пријателски меч, против Кевили-Руан. ПСЖ славеше со 3-1, а Хусни постигна два од головите. Иако е Мароканец, тој веќе настапувал за младинските селекции на Франција и, засега, има намера да ги брани боите на „триколорите“.
Тој е висок 176 сантиметри и најчесто игра како шпиц или како лево крило. Договоров со ПСЖ има важност до 2026 година, но јасно им е на сите кои следат фудбал дека Хусни самиот ќе си ја скрои иднината со настапите кои му претстојат.